ОПШТИ УСЛОВИ ЗА ПРОДАЖБА И СЕРВИС
Датум на последна ревизија: 11.09.2025
ПРИФАЌАЊЕ НА ОПШТИ УСЛОВИ
Овие Општи услови претставуваат составен дел на секоја понуда, нарачка, фактура или договор склучен со ФОРТИС ДОО Куманово („Друштвото“) и имаат сила на договор. Со прифаќање на понуда или поднесување на нарачка, купувачот потврдува дека е запознаен со содржината на Општите услови и ги прифаќа во целост. Општите или посебните услови на купувачот немаат правна важност.
ПОНУДИ И НАРАЧКИ
Понудите издадени од Друштвото се валидни во рокот наведен во понудата, а доколку не е наведен рок, се сметаат за важечки 7 дена. Друштвото има право по своја дискреција да одбие или анулира било која понуда или нарачка. По потврда на нарачката, купувачот нема право на откажување, освен со претходна писмена согласност од Друштвото. За уреди и опрема нарачани по специјален барање на клиентот (custom) или увоз на специјална нарачка, откажување не е дозволено и купувачот е должен да ја плати во целост.
ЦЕНИ И НАЧИН НА ПЛАЌАЊЕ
Цените се изразени во денари без ДДВ. Во цената не се вклучени испорака, монтажа, обука и други дополнителни услуги, освен ако не е поинаку договорено. Плаќањето се врши 100% авансно, освен ако не е поинаку договорено во комерцијални услови наведени во понудата. Друштвото има право да ја услови испораката или други договорени услуги се до целосна уплата.
ПРОЕКТИРАЊЕ
Сите технички решенија, цртежи, планови, CAD распореди, описи и понуди подготвени од Друштвото претставуваат негова интелектуална сопственост и се наменети исклучиво за опремата која ја нуди или испорачува. Истите не смеат да се користат, репродуцираат или предаваат на трети лица без претходна писмена согласност на Друштвото. Во спротивно, Друштвото има право да бара надомест на штета и да покрене соодветна постапка.
ИСПОРАКА
Стандардните услови на испорака се EXW магацин на Друштвото (Incoterms®), освен ако поинаку не е изречно договорено. Рокот за испорака е наведен во понудата и започнува да тече од денот на целосна уплата. Доколку испораката се врши до адреса на купувачот, истата подразбира само достава до приземје на објектот со пристап за транспорт. Чекање за истовар, пренос до катови, подруми или непристапни простории се фактурира дополнително или може да биде одбиено од страна на Друштвото. Купувачот е должен да обезбеди услови за истовар и пристап до објектот, а во спротивно Друштвото има право да ја врати стоката и да наплати дополнителни трошоци. Ризикот преминува на купувачот со предавање на стоката на превозник или со преземање од магацин.
ЗАДОЦНЕТО ПОДИГАЊЕ
Ако купувачот не ја подигне или не е подготвен да ја прими стоката во рок од 30 дена од известувањето, стоката се складира на негов ризик и трошок. Друштвото има право да наплати дневен надомест за складирање, како и сите дополнителни трошоци за манипулација и осигурување. Во таков случај, купувачот е должен целосно да ја исплати продажната цена без оглед на тоа што е договорено во однос на динамиката на плаќање, испорака или монтажа. Друштвото има право, по сопствен избор, да ја продаде стоката со цел да ја надомести причинетата штета.
МОНТАЖА
Монтажата и пуштањето во работа се вршат само ако тоа е изречно договорено во понуда. Купувачот е должен да обезбеди: пристап до местото на монтажа, електрични и водоводни приклучоци, вентилација и сите технички предуслови согласно упатството. Доколку условите не се исполнети, монтажата се одложува, а трошоците за повторна излезност се на товар на купувачот. Друштвото не презема никаква одговорност за нецелосно, несоодветно или неправилно изведени технички услови и приклучоци, кои остануваат единствена одговорност на купувачот.
УПОТРЕБА И ОДРЖУВАЊЕ
Купувачот е должен да ја користи опремата исклучиво согласно предвидената намена и упатството на производителот, како и редовно да ја одржува и чисти. Секое користење надвор од намената, употреба на несоодветни средства за чистење, занемарување на редовно одржување или неправилно ракување ја исклучува одговорноста на Друштвото за какви било дефекти или штети. Купувачот е должен да води евиденција за редовно сервисирање и одржување, доколку тоа е предвидено со упатството или со гаранциски услови. Друштвото не презема одговорност за неправилна употреба или одржување на опремата, дури и во случаи кога е извршена обука за користење и чистење од страна на Друштвото.
ГАРАНЦИЈА
Друштвото обезбедува гаранција за исправност на испорачаната опрема во период од 12 месеци од датумот на фактура или испратница, освен ако поинаку не е наведено во понудата или во посебен договор. Гаранцијата важи исклучиво на територијата на Република Северна Македонија и опфаќа само дефекти настанати како резултат на материјални или производни недостатоци. Гаранцијата не важи во случаи на неправилна употреба, користење надвор од намената, чистење со несоодветни средства, оштетувања предизвикани од бигор или нечистотија, интервенции од неовластени лица, користење на неоригинални резервни делови или несоодветни технички приклучоци и услови за работа.
СЕРВИС
По истекот на гаранцискиот период, сервисот се врши според важечкиот ценовник на Друштвото за патни трошоци, работна рака и резервни делови. Купувачот е должен да овозможи пристап до неисправната опрема, како и безбеден работен простор за сервисниот тим. Доколку поради зафатеност на кујната или други причини не е овозможен пристап, Друштвото има право да ја одложи интервенцијата и да наплати трошоци. За одредени категории опрема кои не можат да се сервисираат на лице место, Друштвото има право да бара опремата да биде доставена во неговите простории заради извршување на поправка. Друштвото го задржува дискреционото право да одбие сервисирање доколку уредот е премногу амортизиран, стар, небезбеден за работа или во видливо лоша хигиенска состојба.
РЕКЛАМАЦИИ И ПОВРАТ
Купувачот е должен да ја прегледа опремата веднаш по приемот и евентуални рекламации за видливи недостатоци писмено да ги пријави во рок од 7 дена. Поврат на исправна стока е можен само со писмена согласност на Друштвото, и тоа единствено ако стоката е некористена, неоштетена и во оригинално пакување. Специјални нарачки, уреди по мерка и веќе монтирана опрема не подлежат на поврат. Сите трошоци за транспорт при поврат се на товар на купувачот.
ЗАДРЖУВАЊЕ НА СОПСТВЕНОСТ
Сопственоста врз стоката останува на Друштвото сè додека купувачот не ја изврши целосната уплата на продажната цена заедно со сите дополнителни трошоци. Друштвото има право да ја поврати стоката доколку купувачот не плати во предвидениот рок. До целосното плаќање, купувачот нема право да ја продава, изнајмува или заложува стоката.
ФИНАНСИСКИ ОБВРСКИ
За секое задоцнето плаќање купувачот е должен да плати законска затезна камата. Друштвото има право да суспендира испорака, гаранција, сервис и други договорени услуги доколку купувачот има неплатени обврски, без оглед дали тие се поврзани со истата стока или по друг основ.
ОГРАНИЧУВАЊЕ НА ОДГОВОРНОСТ
Друштвото не одговара за индиректни или последични штети, вклучително изгубена добивка или прекин на работа на купувачот. Вкупната одговорност на Друштвото е ограничена на износот на фактурираната вредност на конкретната стока или услуга.
ВИША СИЛА
Друштвото не одговара за доцнење или неможност за извршување предизвикана од околности кои претставуваат виша сила, како природни катастрофи, пожар, поплава, војна, штрајкови, енергетски кризи, пандемии, забрани за увоз или извоз и други слични непредвидливи околности. Во случај на настанување на виша сила, роковите за извршување се продолжуваат, а обврските на Друштвото мируваат сè додека траат околностите.
ПРИМЕНЛИВО ПРАВО
Овие Општи услови се регулирани според законодавството на Република Северна Македонија, а за сите спорови надлежен е судот во Куманово.